Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во вчерашното гостување во вестите на телевизија Канал 5 објасни дека бројката од саботата, исто како и некои претходни варијации т.е отскокнувања од некоја вообичаена бројка, се должат на мал кластер во една од конфекциите во Штип.
– Една од неколкуте конфекции во кои имаше поголем број заразени е веќе затворена, таму каде што се најдени спорадични случаи вчера во координација со градоначалникот ќе зборуваме со сопствениците, за да видиме дали според епидемиолошките анкети има потреба и тие да се затворат за да се намали ризикот од пренос на вирусот – изјави Филипче.
Министерот појасни дека високата бројка не е тренд, туку варијација, поради тоа што јасно е идентификуван бројот на новодијагнсотицирани пациенти и јасно е утврдено со епидемиолошките прашалници кои во голем процент се завршени, од каде потекнува изворот и трансмисијата на вирусот. Во таа смисла, вкупната бројка кога тоа ќе се изземе, е она што е тренд сите овие изминати денови односно целиот изминат период. Еден одреден процент, константен, во однос на вкупниот број на ново дијагнсотицирани отпаѓа на град Скопје, сите други ширум државата.
Во однос на постизборните собири, но и забавите по клубовите, Филипче потенцираше дека постојат протоколи за апсолутно секој настан, секоја организација, без разлика дали е на отворено или на затворено.
– Сите мора да се свесни дека тоа е новиот начин на функционирање. И во затворена просторија кога се организираат едукации, полагања испити итн, се седи на дистанца се носат маски. На отворено капацитетите се најмногу 50 отсто исполнети, со јасно обележани места каде треба да стојат луѓето. И на отворено кога има концентрација на луѓе мора да се носат маските – рече Филипче.
Тој посочи дека мора да има поголеми контроли дали се почитуваат мерките и протоколите.
– Од целокупниот систем тоа е нешто што сериозно заостануваше или не се извршуваше и тоа мора да се право поригорозно, мора поинтензивно на терен да се прави увид и контрола, да се проверува дали се почитуваат протоколите. Ние не можеме да живееме затворени, не може ниту една земја во светот да живее затворена. Единствена дополнителна мерка на тоа што сега е на сила е рестрикција во движењето што може многу лесно да се избегне ако се почитуваат мерките – потенцираше Филипче.