Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека денеска е забележан тренд на намалување на бројот на новодијагностицирани случаи со ковид-19. Бројот на новозаразени од коронавирус, како што рече тој, е околу илјада лица, што според него потврдува дека епидемиолошката крива е во континуиран пад.

– Тоа значи дека мерките во рамките на предвидувањата ги даваат своите резултати – изјави Филипче.

Министерот посочи дека притисокот во болниците е се уште голем со оглед на тоа што се уште има голема бројка на новозаразени со ковид-19.

– Во сите јавно-здравствени установи согласно распоредите и прераспределбата на пациенти има слободни болнички кревети и во Скопје на Интерните клиники и во ковид центарот во Заводот за рехаблитација во Козле, како и во другите градови. Се прави прераспределба на пациенти од другите градови ако треба. Во овој момент се преоптоварени болниците во Куманово и во Битола и тоа на дневна основа го менаџираме – истакна Филипче.

Според него вакцинацијата во државата се одвива добро а доколку има потреба по 20 април повторно ќе се продолжат рестриктивните мерки.

– Во зависнот од индикаторите ако има потреба, дефинитивно да – рече Филипче.

Тој додаде дека кога ќе стигне поголема количина на вакцини тогаш и ќе се вакцинира, затоа што не сака да го земе редот на некој што има поголем ризик.

– Сите вакцини се безбедни, проверени, каков ќе биде редот со таа вакцина ќе се вакцинирам – изјави Филипче.