Дали Куманово ќе биде ставено во карантин по примерот на Дебар ќе биде извесно утре, по состанокот на Комисијата за заразни болести. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека постојано имале барања градот да се затвори.
– Вчерашниот состанок во Куманово беше токму за тоа. Со воведување на сите досегашни мерки ние од штабот во Куманово добивавме барање да запре комуникацијата на градот. Но таму има околу 4000 граѓани кои секојдневно патуваат на работа во Скопје. Треба да утврдиме дали ќе има логика едно такво барање или не. Утре наутро официјално ќе се разгледа барањето за Куманово за што веднаш ќе информираме – рече министерот Филипче.
Тој нагласи дека го разгледуваат секое барање што го добиваат. Веќе имале барање да се скрати работното време на маркетите, но анализите покажале дека тоа дополнително ќе го зголеми метежот во периодот кога ќе биде дозволено да работат. На ист начин министерот најави дека ќе биде анализирано и барањето за карантин во Куманово.
И претседателот на државата Стево Пендаровски денес состојбата во Куманово ја оцени како лоша и посочи дека и за Куманово треба да се приемни моделот на затворање на градот кој што беше применет во Дебар.