Општинскиот штаб за управување со кризи во Прилеп доцна синоќа донесе нови мерки за справување со коронавирусот, а по прогласувањето на полицискиот час од страна на Владата.
Според општинскиот кризен штаб, се укинува јавниот градски превоз, се заострува контролата при влезот на возила од сите четири правци, при што секое возило кое влегува во градот ќе биде дезинфицирано. Се забранува собирање на повеќе од 5 лица, особено на младите, во парковите во градот, излетничките места и викендиците во околината на градот, а ќе се врши континуирана дезинфекција на улиците во градот и населените места.
Истовремено, градоначалникот Илија Јованоски упати апел до граѓаните, доколку забележат случаи на непочитување на мерките донесени од страна на Владата и општинскиот кризен штаб, да ги пријават во МВР на број 192.

Ка.М.