Владата донесе одлука за укинување на увозната давачка – царинската стапка за одредени стоки – потрошен медицински материјал согласно Задолжението број 15 од Петтиот состанок на Главниот координативен кризен штаб, одржан на 20 март 2020 година и Задолжението број 13 од Шестиот состанок на Главниот координативен кризен штаб, одржан на 21 март 2020 година, а во врска со ослободување на царинските давачки за сите медицински помагала и потрошниот медицински материјал кој се увезува во Република Северна Македонија.
Одлуката има за цел да се надминат евентуалните негативни последици, т.е. нарушувања на пазарот во земјата, во однос на снабденоста со овие стоки, како резултат на прогласената пандемија на Коронавирусот ковид-19 од страна на Светската здравствена организација и преземените рестриктивни мерки од страна на одделни земји во вид на ограничување на извозот на овие производи.
На оваа седница Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.
Според оваа Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 70 од 19.3.2020 година), во членот 1 на оваа одлука по зборовите “и дезифекциони средства „се дополнува со зборовите “потрошен медицински материјал и медицинска опрема и апарати”.
По ставот 2 на овој член се додава нов став 3, кој гласи: „По исклучок од ставот 2 на овој член, за производите чија увозна цена е повисока од највисоката цена што се применувала на 11 март 2020 година, треба да се користи трговската маржа утврдена до 11 март 2020 година”.
Во членот 2 на оваа одлука зборовите „ќе се применуваат до 30 април 2020 година” се менуваат и гласат: “ќе важи до завршување на периодот на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија”.