Туристичките агенции најавија дека ќе протестираат доколку Владата воведе задолжителен ПЦР тест за влез во земјата.
Нивниот став е дека туристичкиот сектор не смее да трпи уште една огромна загуба доколку надлежните иституции донесат ваква одлука.
Туристичките агенции наведуваат дека тест за излез од земјата нема никаква логика, а посебно кога се патува во земји кои за влез не бараат никаков тест.
„Досега не сме се соочиле со реакции од страна на нашите патници дека се вратиле од годишен одмор инфицирани од Ковид-19. Дел од патниците се веќе вакцинирани, а останатиот дел кои патуваат надвор се со PCR тест или Брз антиген тест што укажува на фактот дека патниците кои патуваат приватно и патниците кои патуваат во групи се целосно безбедни. Она што се бара од надлежните институции е да се задржат актуелните мерки. Сметаме дека не е потребно да се наметне задолжително тестирање за влез во земјите во кои не е потребен тест како што се Албанија и Црна Гора“, велат туристичките агенции.
Според нив, надлежните институции треба да спроведат детална анализа на граничните премини користејќи го моделот на „тестирање по случаен избор“ на македонски туристи кои се враќаат дома. По сето ова, како што додаваат, ќе може да се утврди дали е потребно задолжително тестирање, треба да се постават мобилни екипи во меѓуграничниот појас каде граѓаните ќе може да направат брзи тестови по повластена цена кои низ лабораториите се движат од 800 до 1000 денари. Или да може со брз self тест да се вратат граѓаните во сопствената земја.
Доколку се усвои предлогот за задолжително ПЦР тестирање во текот на утрешниот ден, туристичките агенции истакнаа дека ќе бидат приморени да излезат на улица.