Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција во Владата презентираше нови мерки за справување со последиците од коронавирусот, ковид-19.
Како што информираше министерот на седницата на Владата на предлог на Министерството за економија беше донесена одлука за замрзнување на цените на потрошен медицински материјал, медицинска опрема и материјали, потоа беше донесена одлука за укинување на царината на 13 медицински производи. Министерот информираше дека по барање на месната индустрија е донесена одлука да се продолжи квотата за увоз на замрзнато месо.
Донесена е исто така одлука за забрана за отворање стечај на фирма, а како што информираше Бектеши денеска до Владата е предложена уредба со која на туристичките агенции ќе им се даваат ваучери за откажаните аранжмани.
– На предлог на Министерството за економија, Владата донесе одлука за укинување на царинската стапка на 13 медицински производи кои се увезуваат во делот на потрошен медицински материјал. Со оваа одлука 100 проценти се укинува царината за: етилалкохол со 80 отсто содржина на алкохол и повеќе, етилалкохол и други алкохоли, денатурирани, сапуни за тоалетна употреба, производи и препарати за миење на кожа, во форма на течност или крем и приготвени за продажба на мало со или без содржина на сапун, детергенти, препарати за перење и препарати за чистење, пластична облека и прибор за облека, текстилни драперии кој се употребуваат при хируршки процедури, маски пластични со текстилен филтер, очила со стакла од пластични маси. Укинувањето на увозната давачка, царинската стапка на стоките ќе важи до завршување на периодот на постоење на вонредна состојба – информираше Бектеши.
Во исто време како дополнување на одлуката која ја донесе Владата на 19 март, како што потенцираше министерот со која се замрзнуваат цените на основните прехранбени производи и дезинфекциски средства, Владата на вчерашната седница ја дополни оваа одлука со што се замрзнуваат и цените на потрошен медицински материјал и медицинска опрема и материјали, на цената која што била утврдена на 11 март 2020 година кога Светската здравствена организација (СЗО) прогласи пандемија на коронавирусот, ковид-19.
„Целта на ова дополнување е да се вратат цените на маските, ракавиците и друг медицински материјал и опрема кои што во изминативе неколку дена пораснаа за неколку пати поради зголемената побарувачка кај граѓаните како средства за основна заштита од коронавирусот. Овие цени како и претходната одлука ќе се применуваат до 30 април 2020 година“ кажа министерот.
Во делот на царината донесена е и уште една мерка која произлезе како барање на компаниите од месната индустрија. На предлог на Министерството за економија како што кажа Бектеши на вчерашната седница на Владата донесена е одлука за четири месеци да се продолжи рокот до кој месната индустрија ќе може да увезува замрзнато месо без царина, односно до 31 октомври.
„Исто така на предлог на Министерството за економија на седницата на Владата беше донесена одлука со која се забранува фирмите да одат во стечај за време на кризата со коронавирусот. Со одлуката се запира можноста за поднесување на предлог за поведување на претходна постапка за отворање на стечајна постапка и отворање на стечајна постапка на стечајниот должник за време на траењето на вонредната состојба. Исто така, сите започнати постапки, како претходна постапка за отворање на стечајна постапка и отворање на стечајната постапка над стечајниот должник, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба. Над стечајните должници кои ги исполнуваат условите за отворање на стечајна постапка или поведување на претходна постапка, нема да се отвораат стечајни постапки и да се поведуваат претходни постапки за време на траењето на вонредната состојба“, кажа министерот и додаде дека оваа одлука ќе се применува до траење на вонредната состојба и уште три месеци после тоа.
Министерот на крај информираше дека Министерството за економија до Владата достави уредба со законска сила со која се предвидува издавање на ваучери на туристичките агенции во вредност на сумата уплатена за аранжманот кој бил откажан како резултат на избувнување на кризата со коронавирусот.
– Со оваа мерка на туристичките агенции што работат појдовен туризам ќе им се овозможи да издаваат ваучери во износ на уплатената сума којшто може да се искористи за било кое следно патување заклучно со 31 декември 2021 година. На тој начин клиентите кои поради настанатата ситуација со кризата од Корона вирусот ги откажале своите аранжмани нема да ги изгубат уплатените средства на износот што го уплатиле, а во исто време туристичките агенции би можеле да го издржат финансискиот товар кој би се распределил на подолг временски период – кажа Бектеши.
Според предлог уредбата, издавањето на Ваучерите ќе биде унифицирано за сите агенции и ќе се реализира со согласност од двете страни, односно туристичката агенција и патниците. Туристичките агенции кои ќе престанат да ја вршат дејноста ќе имаат обврска средствата во целост да им ги вратат на клиентите. Туристичките агенции кои нема да ги почитуваат условите за издавање на Ваучери, ќе добијат соодветни казни согласно законот за Туристичка дејност и Законот за прекршоци.
– Но, не само тоа. За поддршка на туризмот кој е најпогоден од кризата, на барање на Министерството за економија, Здружението за заштита на авторски и музички права ЗАМП донесе одлука да ги ослободи од плаќање надоместок за музика рестораните, хотелите, кафулињата и другите корисници на музика со оглед на тоа што не работат во моментов. Заедно со Фондот за туризам кој веќе беше формиран и со останатиот пакет економски мерки на кој што интензивно работиме можам да кажам дека ќе бидат прифатени сите барања на туристичкиот сектор кој е најпогоден од коронавирусот – кажа министерот.