Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

ПАНДЕМИЈАТА ГО ОТЕЖНУВА И ФУНКЦИОНИРАЊЕТО НА ПРЕДУЧИЛИШНИТЕ УСТАНОВИ

Пандемијата на ковид-19 го компликува и престојот во градинка. Заради превенција од ширење на вирусот, групите на деца во градинките и натаму остануваат со капацитет од 50 отсто, има случаи кога се чека ред за место, но и такви што не ги носат децата во градинка, а местото го држат зафатено. Од 21.300 деца, колку што се запишани, само 12.300 одат, а другите 9.000 само „држат“ места во градинките. Поради сите овие неизвесности, се случува раководните лица на градинките постојано да се во контакт со родителите за да дознаат дали детето ќе оди или не, за евентуално да им се излезе во пресрет на оние што чекаат

Комисијата за заразни болести не дозволи зголемување на бројот на децата во групите на предучилишните установи, и покрај барањето на директорите и притисокот од родители. Имајќи го предвид брзото ширење на британскиот сој на коронавирусот, комисијата остана децидна на ставот дека протоколите што беа донесени остануваат непроменети, групите на деца во градинките и натаму остануваат со капацитет од 50 отсто. Директорите на градинките тврдат дека притисокот од родителите за запишување на нивните деца почнал да расте уште на почетокот на февруари, кога администрацијата се врати на работа во своите канцеларии. Фактот дека некои од нив периодично работат од дома и периодично ги носат децата во градинка ги вознемирува родителите што немаат кому да му ги остават своите деца и чекаат да им се отстапи место во градинка. Од друга страна, пак, директори на градинки велат дека бројот е ограничен, листите на чекање се подолги, а има деца што се носат во градинка само да се социјализираат со другите деца, иако имаат баби и дедовци да ги чуваат. Други, пак, на подолг период не ја посетувале градинката од страв да не ги заразат дома бабите и дедовците, а местото го држат зафатено. Постојаните реакции и притисоци на родителите ставени на листите за чекање ги натерале директорите најпрвин да побараат од Министерството за труд и социјална политика да се дозволи проширување на групите со поголем број деца, како еден од начините за намалување на листите на чекање. Но директорите не добиле дозвола од ресорното министерство за проширување на групите, туку, напротив, биле принудени и натаму во една група наместо 30 да има само 15 деца. Сега директорите, оставени да се соочат со состојбите, барајќи начин да го ублажат проблемот, разговараат со секој родител, барајќи од нив разбирање за состојбите во оваа пандемија и доколку има кој да им ги чува децата, да го отстапат местото за дете што чека ред и нема кој да го чува. Од Министерството за труд и социјална политика потврдуваат дека членовите на Комисијата за заразни болести не дозволиле олабавување на протоколот и дека групите остануваат со ист број деца како досега.

„Нова Македонија“, истражувајќи ја состојбата на терен и разговарајќи со неколку раководни лица во градинки, дојде до сознание дека директорите навистина секојдневно се соочуваат со различни ситуации. За да не се отстапи од пропишаната бројка на деца во групите, вработени во градинките се јавуваат кај родителите и ги прашуваат дали ќе ги носат до септември или ќе го отстапат местото.
– Имаме проблем да запишеме нови деца и имаме притисок од родители, но, според протоколите, капацитетите ни се исполнети, па мораме да контактираме со родителите дали ќе продолжат да ги носат своите деца, каква е нивната состојба доколку тие отсуствувале. Токму поради тоа и со комисиите за уписи имаме редовни состаноци и, според актуелните состојби, правиме и планови и затоа важно ни е да знаеме зошто некои родители не ни ги носат децата и подолго отсуствуваат. Уште во јануари, на ниво на сите предучилишни установи во земјава, испративме писмо до Министерството за труд и социјална политика, со кое побаравме да се зголеми бројот на деца, но повратно добивме одговор дека поради ширењето на британската мутација на коронавирусот бројот на групите и натаму ќе биде половичен. Родителите бараат место повеќе, времето е потопло и можеби повеќе ќе бидеме во дворовите, но засега останува вака – објасни Елена Усамитова, директорка на детската градинка „Бубамара“ во скопската општина Аеродром.

Таа истакна дека има родители што подолг период не ги носат децата во градинка или, пак, ги носат само неколкупати во месецот.
– Но ние мора да ги прашаме родителите и да најдеме заеднички модул за сметка на оние што нема кому да му ги остават своите деца. Околу 36 деца чекаат на ред од март да доаѓаат во градинка. Имаме и родители каде што едниот работи со физичко присуство, а другиот од дома, ама затоа што градинката има свои предности, социјализација и слично, го носат своето дете. Има родители што ја разбираат актуелната состојба и наидуваме на разбирање, па се снаоѓаат и тие и ние и сѐ додека не се донесе нова мерка за зголемување на капацитетот на деца во групите, ќе биде вака. Многу е тешко и метежите за упис на нови деца почнаа уште во јануари, но уште во февруари бројот е исполнет и дневното присуство е пополнето – дополни Усамитова.

За многу од раководните лица во градинките е разбирлива неизвесноста на оние што не знаат дали утре ќе работат од канцеларија или од дома, но додаваат дека во уште понезавидна состојба се оние родители што и двајцата мора да одат на работа, а нема кој да им ги чува децата. Токму поради намалениот капацитет во предучилишните установи, но и поради проблемите што ги создаде пандемијата со работењето од дома, се прави огромен притисок врз вработените во предучилишните установи, кои на неделна основа мора да ги анализираат состојбите, да преговараат со родителите што можат да се снајдат за чување на своите деца, за да обезбедат места за децата чии родители немаат кому да му ги остават на чување.

Според она што беше јавно кажано од министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, од 21.300 деца, колку што се запишани, само 12.300 одат, а другите 9.000 само „држат“ места во градинките.