Во лабораторијата за ковид-тестови на Центарот за јавно здравје во Битола речиси тројно е зголемен бројот на лицата кои бараат да бидат тестирани. Во оваа лабораторија дневно се прават и по 130 тестови, што е речиси тројно повеќе од претходниот период. Кога во јуни беше отворена лабораторијата за тестирања на ковид-19, во Центарот за јавно здравје во Битола се правеа околу 50 тестирања дневно. Сега бројот е зголемен за плус 80. Причината за речиси тројното зголемување на интересот за тестирање се должи и на стравот на луѓето од заразата.
– Досега не сме имале застој. Од 50 до 60 тестови зголемивме на 70 и 80, а сега работиме и по 120 до 130 тестови на ден. Имаме трипати зголемен обем, но работиме за цел регион и потребите на граѓаните се многу поголеми отколку што можеме тоа да го
апсорбираме. Навистина се обидуваме да излеземе во пресрет, но бројот е навистина многу зголемен. Некои бараат да се тестираат од страв, а некои од други причини. Барањата се многу поголеми од она што можеме да го сервисираме – вели директорката на центарот за јавно здравје Елизабета Крстевска.
Лабораторијата за тестирање на ковид-19 во Битола, каде што покрај битолчани
се тестираат и жители на Кичево, Ресен и од Демир Хисар, беше првата во земјава што се отвори надвор од Скопје. Апаратурата за тестови беше донација на компанијата „Кромберг и Шуберт“ во износ од 30.000 евра.
Средства во износ од 10.000 евра донираше и Општина Битола, која во иминатите
недели издвои уште 30.000 евра донација за апаратура за кислородна поддршка во Клиничката болница во Битола и за набавка на брзи ковид-тестови. М.М.