Пријателите се познаваат на маката. Потврда на ваквите зборови е донацијата од 32.000 заштитни маски испратена до винарницата „Стоби“ од страна на долгогодишниот деловен партнер од Кина.
Пораката на партнерите од Кина е јасна, тие се изборија со коронавирусот, а истото тоа им го посакуваат и на своите партнери и пријатели во Македонија.
За таа цел, како знак на поддршка, за вработените во „Стоби“ се испратени 2.000 заштитни маски, а преостанатите 30.000 ќе бидат наменети како донација за граѓаните на Македонија. Тие 30.000 маски кои кинескиот партнер ги донираше за граѓаните на Македонија, се во МНР и според нивните протоколи ќе бидат распределени онаму каде што се најмногу потребни.
Винарницата „Стоби“ и кинескиот партнер бележат исклучително успешна меѓусебна соработка и подем во пласманот на македонско квалитетно вино на кинескиот пазар. Во последниве пет години е забележана продажба на 2.000.000 шишиња на тој пазар, со континуиран пораст на продажбата.
За допирот на македонската винска приказна на Далечниот Исток, како и за успешниот деловен резултат несомнено дека најмногу придонесуваат над 20-те брендирани продавници „Стоби“ во неколку града низ Кина.
Ваквите резултати ја вбројуваат винарницата „Стоби“ како еден од најголемите извозници на вино од Македонија во Кина.
Овој пат „Стоби“ и кинеските партнери реализираат соработка на едно друго поле – полето на хуманитарноста. Со својата донација, вработените во „Стоби“ би сакале што е можно повеќе луѓето да го надминат што побрзо корона-предизвикот и да се вратат на предизвиците за кои навистина вреди да се живее.