Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска во Атина оствари средба со министерот за здравство на Грција, Василис Кикилиас на која разменија искуства за пристапот во лекување и превенција од ширење на коронавирусот, како и предизвиците со кои се соочуваат двете земји за време на пандемијата.
Повод за средбата на двајцата министри беше најавата за отворање на границите во Европа и регионот за што е потребно да се подготват усогласени протоколи за патување во регионот. Овие протоколи треба да го олеснат и забрзаат транзитот на патници.
Министерот Филипче по средбата истакна дека разговорот поминал во исклучително позитивна атмосфера каде и двајцата се согласиле дека е потребно да се обезбеди брз проток на границите кои се исклучително оптоварени во текот на летото и да се обезбеди лесен пристап до здравствени услуги на граѓаните доколку евентуално се случи да бидат заболени од коронавирусот во текот на престојот во Грција и Македонија.
Во текот на следната недела двете земји ќе ги подготват предлог протоколите кои потоа ќе бидат усогласени и потпишани. Исто така, овие протоколи ќе бидат разговарани и со другите соседни земји со цел унифициран пристап и услуги во регионот кој значително ќе им го олесни движењето на граѓаните. Филипче најави дека следниот вторник треба да се одржи нов состанок заедно со Министерството за надворешни работи на Македонија и Грција, каде дополнително ќе се прецизираат условите и правилата за движење.