Македонските граѓани и понатаму може да се вакцинираат во Србија доколку се пријават преку системот е-управа, оти проблемот со коронавирусот не може да го реши една земја и колку подобро им е на соседите толку подобро ќе биде и за нас, рече денес српскиот министер за здравство Златибор Лончар, по средбата со македонскиот министер за здравство Венко Филипче.
Лончар извести дека досега во Србија против коронавирус се вакцинирале нешто помалку од 15.000 Македонци, кои втората доза, исто така ќе можат да ја примат во Србија.
– За граѓаните вакцинирани кај нас најмалку што можеме да направиме е другата доза да ја примат на истите места каде што ја примиле првата. Таа им е резервирана. Имаме евиденција на граѓаните ако е полесно можеме да се договориме тие вакцини да ги отстапиме и вие да организирате вакцинирање. Има уште околу 12 недели, се тоа е работа која може да се договори – рече министерот Лончар.
Најголем дел од вакцинираните македонски граѓани во Србија ја добија вакцината од „Астразенека“ која кај нас е забранета за лица под 60 години.
Министерот Лончар најави дека вакцинирањето на македонските компании во договор со српските здравствени власти ќе продолжи и во следниот период.