Денеска, во Министерството за внатрешни работи, по покана од министерот Оливер Спасовски, се одржа работен состанок меѓу раководствата на Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, предводен од министерот д-р Венко Филипче.
Целта на состанокот, како што информираат од двете министерства, било прецизирање на термините и постапката за почнување на вакцинацијата на полициските службеници, особено на оние што се директно изложени и учествуваат во борбата за спречување ширење на пандемијата на коронавирусот.
Од страна на министерот за здравство, Филипче, било потврдено дека вакцинацијата продолжува според националниот план за вакцинирање на приоритетните групи, а во оваа фаза почнува вакцинацијата на повозрасната група граѓани.
Со оглед на влошувањето на епидемиолошката состојба во земјата, на средбата била утврдена и потребата од приоритетно вакцинирање на сите полициски службеници.
Притоа министерот Спасовски потенцирал дека Министерството за внатрешни работи е подготвено со своите логистички, медицински и инфраструктурни капацитети да учествува во реализацијата на овој процес.
На состанокот била истакната и потребата од заедничка средба со верските лидери во земјата во пресрет на престојните рамазански и велигденски празнувања.