Сите граѓани и сите чинители во општеството мора да ги почитуваат мерките на Владата, а тие се јасни и недвосмислени, порача на Фејсбук премиерот Оливер Спасовски.
Тој истакна дека истите ограничувања остануваат и за велиденските празници и ќе важат за секого.
– Потсетувам дека е активна и забраната за групирање на граѓаните во групи поголеми од две лица, на јавни простори. За првпат православните верници, наместо во храмовите, ќе треба да ги поминат велигденските празници во своите домови. Четириесетдневниот велигденски пост ќе го завршиме со личен подвиг во кругот на нашето семејство и во нашите домови. Велигденските пораки за победата над смртта ќе ги упатиме од дома. Преку телефон, преку интернет, секој од своето семејство, од својот сопствен дом, а не собрани по роднини и гости. Тоа нема да нè направи послаби верници – напротив, тоа ќе ни го зајакне духот, зашто сите знаеме дека со тоа спасуваме живот – се вели во објавата на премиерот.
На крајот тој апелира и ги повикува граѓаните сите заеднички да го запреме вирусот кој му се заканува на целото човештво.