Македонија ги негува вредностите на ЕУ за просперитетни, безбедни, мирни и слободни општества и нема да дозволиме тие вредности да бидат доведени во прашање пред ниту една закана. Ова го изјави премиерот, Оливер Спасовски, на видео конференцијата на Самитот за Западен Балкан 2020, под покровителство на канцеларот на Австрија, Себастијан Курц.
Спасовски, на конференцијата беше придружуван од заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров. На видео конференцијата учествуваа премиерите од земјите на Западен Балкан, и еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Оливер Вархеји, и дискутираа за соработката на актуелни прашања од интерес на граѓаните од регионот и за проширувањето на ЕУ, како и за справување со коронавирусот.
Спасовски информираше за состојбата со коронавирусот во земјата, потенцирајќи дека е прогласена кризна состојба во две општини, затворањето на двата аеродрми и бројот на заболени во моментов.
– Донесовме одлука да ги затвориме границите за сите странски државјани. Во функција се само пет копнени гранични премини само за нашите државјани и за товарните возила за кои е воведен посебен безбедносно санитарен и здравствен режим. Ги поставивме работите на највисоко и најодговорно институционално рамниште, и такви ќе останат во секоја наредна фаза. Сметаме дека сме подготвени како општество за институционален одговор за оваа ситуација – рече Спасовски.
Тој додаде дека заканата од пандемијата со која се соочуваме ја покажува важноста на меѓународната соработка.
– Затоа сега е исклучително важно и за заеднички решенија за заедничкиот предизвик. Заедно, сите Влади во светот да работат на заштита на економиите, на проширување на јавните инвестиции и на обезбедување поддршка за најранливите. Ниту една земја не може да го стори тоа сама. Секако, сега е најважно пандемијата да се стави под контрола, а потоа и да се запре – рече Спасовски.
Во врска со почетокот на пристапните приговори, премиерот истакна дека Република Македонија ги прифати и ги практикува европските вредности што е потврдено со мини-извештајот на Европската Комисија.
– Неопходно е сите земји-членки да разберат дека сите натамошни одложувања и дополнителни услови дадени на процесот се еднакви на драгоцено изгубено време во однос на реформите во ЕУ за целиот регион. Прифаќањето на новата методологија и усвојувањето на одлуките за пристапување без натамошно одложување сега во март може да ни обезбеди на сите нас сценарио за успех. Успех и на Северна Македонија, и успех и на ЕУ. Отворањето на пристапните преговори ќе биде во согласност и со новата методологија за проширување како стратегија на Европската комисија за зајакнување на процесот на пристапување и за кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан – додаде Спасовски.