И по осум месеци од појавата на коронавирусот во Македонија, сѐ уште граѓаните на Општина Кичево не ги прифаќаат сериозно апелите, да не ги сокриваат симптомите од ковид-19 и навреме да се јавуваат на лекар, за да можат без последици да бидат излекувани. Но, како последица од несериозниот однос, смртноста од ковид-19 е повисока, а бројката на целосно излекуваните пациенти е помала.
Поради ваквиот однос од страна на неговите сограѓани, се пожали директорот на Општата Болница и член на Кризниот Штаб, д-р Станко Трпески.
– Навистина не можеме да се начудиме на инертниот однос на повеќето наши граѓани кон сопственото здравје. Така што, висок е процентот на лица кои манифестираат симптоми на ковид-19, но својата болест ја кријат и не се јавуваат на лекар. И кога ќе се искомпликува состојбата, тогаш доаѓаат да се тестираат и да се лекуваат, што во повеќе наврати се покажало како кобно.
Криејќи ја болеста, не само што лично се загрозени, туку со нивниот однос ги загрозуваат и лицата со кои биле во близок контакт, за пренос на инфекцијата и зголемување на бројката на новозаразени. Ваков однос кон болеста е присутен кај сите возрасти и националности во градот – истакна Трпески.