Министерот за здравство Венко Филипче на редовната прес-конференција за состојбата со коронавирусот во земјава, информираше дека во текот на следната недела како донација треба да пристигнат 500 илјади маски и 20 илјади тестови, како и реагенси за тестирање на вирусот.
– Денеска имав состанок со амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, на којашто и се заблагодарив за поддршката што во изминатиот период ја даваа за осовременување на лабораторијата во Институтот за јавно здравје и сега таа е централна институција во нашата земја, во којашто се вршат тестирања, многу значајни во овој момент за државава. Добивме одговор и од повеќе донатори преку норвешката влада за респираторни машини, тие на почетокот на април ги очекуваме во нашата земја – објасни министерот.
Филипче кажа и дека од кинеската амбасада ќе одговорат на донација која владата ја побарала пред неколку недели.
– Во текот на следната недела како донација треба да пристигнат и 500.000 маски и 20.000 тестови-реагенси за тестирање на вирусот – потенцираше министерот за здравство.