Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бара од Кризниот штаб при владата да изнајде начин за обезбедување соодветни количини заштитна опрема (гел за дезинфекција, ракавици и маски) за редакциите.
Од синдикатот истакнуваат дека новинарската професија по медицинскиот персонал е една од најизложените професии во борбата против ширењето на коронавирусот, па со оглед на недостигот од заштитна опрема во аптеките и продавниците, барањето го упатуваат до Владата.
Истовремено, ССНМ ги повикува сопственциите на медиумите секој во рамките на своите можности да ја организира работата во редакциите на најефикасен можен начин во насока на обезбедување барем минимална заштита на своите вработени.
– Новинарите и медиумските работници се важна алка во борбата против коронавирусот. Тие извршуваат задачи и работа од јавен интерес без која не може да се замисли процесот на искоренување на вирусот во Македонија. Затоа нивната заштита е и треба да биде еден од приоритетите во општеството – порачуваат од ССНМ.