Шефицата на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава, Џихан Тавилах изјави дека Македонија е меѓу земјите кои се најтранспарентни во споделувањето на бројките и статистиката во однос на заразените, починатите и излекуваните од ковид-19.
– Изјавата дека Северна Македонија има најголема стапка на смртност во регионот, навистина не е точна изјава. Знам дека Северна Македонија е меѓу земјите кои се најтранспарентни во споделувањето на националните бројки и статистиките – објаснува Тавилах.
Според неа, тоа се отсликува во регистрирањето и пријавувањето на секој смртен случај заради ковид-19.
– Јас знам дека Северна Македонија прави и посмртен тест за луѓето кај кои треба да се утврди причината за смртта, кога тоа не е јасно. Тоа што можам да го кажам е дека треба да бидеме многу внимателни кога ги споредуваме земјите, заради можните разлики во начинот на кој се собираат податоците и треба да се знае дека нема секогаш иста конзистентност на податоците за смртните случаи меѓу земјите – вели претставничката на СЗО која потенцира дека Македонија ги следи правилата за регистрирање, а сите контакти со потенцијалните случаи или потврдените случаи се откриваат, тестираат, изолираат и третираат според потребите.