Канцеларијата на СЗО во Македонија денеска до Министерството за здравство/Институтот за јавно здравје достави пет носачи на вакцини и 1.250 тестови и реагенси за секвенционирање на вируси, во рамки на тековниот одговор на ковид-19.
Целта е да се придонесе за ефективен одговор на ковид-19 во земјава.
Како интегрален дел на складирањето на вакцините во ладен синџир, носачите на вакцини претставуваат кутии со изолација што се користат за транспорт на вакцини и разредувачи до локации на терен, како и за привремено складирање во текот на изведувањето на имунизацијата во здравственитеустанови, со што се одржува потребната температура за складирање и се задржува квалитетот на вакцините.
Џихан Тавила, претставничка на СЗО во Македонија истакна дека подобрувањето на инфраструктурата на ладниот синџир ќе помогне вакцините што спасуваат животи, како вакцините против ковид-19, така и редовните вакцини, да стигнат до оние на кои им се најпотребни.
– Покрај ладниот синџир, СЗО ги поддржува и сите други аспекти за зајакнување на имунизацијата, вклучително и градењетона капацитетите на работниците во јавното здравство, здравствените работници кои ја вршат вакцинацијата, педијатрите, матичните доктори и останатите здравствени работници, преку прилагодени курсеви за обука за вакцинацијата – додаде Тавила.
Таа ги охрабри сите целосно да се вакцинираат и да се придржуваат на јавноздравствените и социјалните мерки, бидејќи, како што рече, сите тие се од клучно значење за завршувањето на пандемијата и забрзувањето на закрепнувањето на глобално ниво.
Набавката на опремата и имплементацијата на проектот се поддржани од Германија и Центарот за превенција и контрола на болести на САД.