Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и АРМ ќе треба да направат детален оперативен план за спроведување на најстроги рестриктивни мерки со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот.
Владата на седница го разгледа и усвои Записникот од Петтиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус ковид-19, одржан вчера.
Владата ја задолжи Комисија за заразни болести при Министерството за здравство, да подготви детален писмен предлог со мерки и препораки за воведување на најстроги рестриктивни мерки во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирус ковид-19 (забрана и посебен режим на движење на територијата на Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраст) и истите да ги достави до Владата, за седницата што ќе се одржи на 21 март 2020 година (сабота). Владата го задолжи д-р Венко Филипче, министер за здравство, да определи двајца епидемиолози што ќе присуствуваат на седницата на Влада, со цел да ги образложат предложените мерки и препораки на членовите на Владата.
Се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија да направат детален оперативен план за спроведување на најстроги рестриктивни мерки што ќе ги преземе Владата, со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот ковид-19.Се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и АРМ, во рамките на нивните надлежности, веднаш да пристапат кон спроведувањето на досегашните донесени мерки и препораки од страна на Владата.