В петок ќе стигнат 10.000 вакцини на „Астра зенека“ како донација од Хрватска, а во текот на наредната недела се очекува да стигнат и 10.000 вакцини од Русија на „спутник В“, истакна министерот за здравство, Венко Филипче.
Околу 50-тина илјади вакцини беа дистрибуирани веќе во понеделникот и денеска се спроведува имунизација во сите градови. Вклучени се и центрите за масовна вакцинација.
Тој посочи дека вакцините се безбедни и дека не постои шанса да се пушти во промет лек доколку за тоа нема одобрение од Агенцијата за лекови.
– Сакам да објаснам дека граѓаните треба да бидат спокојни. Не постои шанса да се пушти во промет кој било лек, вклучувајќи и вакцина, доколку Агенцијата за лекови не даде одобрение за тоа. Ние аплицираме со соодветната документација која што е потребна и за увоз на лекот, а таа стигнува и пред да стигнат вакцините во Агенцијата за лекови, така што станува збор за административен процес – истакна Филипче.