Актуелната позиција на Македонија, која во последниве три години се соочува со драматични идентитетско-национални превирања и поделби, без очекуваните и ветуваните ефекти на меѓународен план не им оди во прилог на оцените за ефикасноста на дипломатијата
ДЕНЕСКА Е ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА
Очекувано, без најави за некакви одбележувања, Дипломатскиот клуб вчера потсети дека денешниот ден, 29 април, е Денот на македонската дипломатија. Имено, на овој ден пред 51 година е основан првиот државен орган за надворешни работи во Македонија и по тој повод Дипломатскиот клуб ги изразува својата поддршка и благодарност до македонските дипломати во странство, кои во услови на пандемија на коронавирус извршуваат оперативно-организациски активности за помош на македонските државјани во странство. Но многумина сметаат дека актуелниот момент не е единствениот предизвик за дејствувањето на македонските дипломати во странство.
– Како дипломатија на мала земја, со ограничени материјални и човечки ресурси за покривање на сите можни состојби, ги поздравуваме досегашен труд и постигнатите успеси на македонските дипломати за информирање и репатријација на над 3.000 македонски граѓани низ светот и координација на странската помош. Тоа е доказ за нивната висока професионалност и за нивниот искрен патриотизам – се вели во соопштението на Дипломатскиот клуб.
Од друга страна, ова потсетување од страна на Дипломатскиот клуб предизвикува и одредени анализи на резултатите и ефектите од досегашното постоење и работење на дипломатијата. Особено што речиси сите државни фундаментални прашања од самостојноста на Македонија беа директно поврзани со знаењето, умешноста и вештината на македонската дипломатија, но и со свесноста и конзистентноста во ставовите на оние што ја предводеа за националните прашања и интереси на државата. Актуелната позиција на Македонија, која во последниве три години се соочува со драматични идентитетско-национални превирања и поделби, без очекуваните и ветуваните ефекти на меѓународен план, не ѝ оди во прилог на ефикасноста на македонската дипломатија.
– Македонската дипломатија требаше да биде на браникот на државата сите овие триесетина години, бидејќи клучните проблеми со кои се соочуваше Република Македонија беа од нејзиниот домен. Како, на пример, самото признавање на државата, решавањето на спорот за името со Грција, зачленувањето во меѓународните организации, почнувајќи од Обединетите нации, па до НАТО и ЕУ… Кога ќе се свртиме наназад, со анализа на постигнатите резултати, воопшто не можеме да бидеме задоволни од ефектите и ефикасноста на дипломатијата. Сепак, за тоа не е виновна само дипломатијата, бидејќи многу често во решавањето на овие фундаментални прашања за државата главната улога ја играат политичарите, кои целосно потфрлија.
Тоа не ја оправдува нашата дипломатија, само покажува дека нашиот политички врв, особено сегашниот, покажа целосен аматеризам во надворешната политика. Македонија е таму каде што е денес бидејќи на дипломатски план доживеавме многубројни порази, од кои голем дел беа крајно непотребни и резултат на нашата некадарност – смета Ристо Никовски, еден од поискусните македонски дипломати и акредитиран амбасадор во повеќе наврати.
Со оглед на, како што потсетува, незавидните услови за градење самостојна македонска дипломатија, во почетокот на деведесеттите години од минатиот век, кога имало само 33 дипломати и 200.000 германски марки како буџет, амбасадорот Виктор Габер смета дека нејзиниот развој и функционирање се одвивале во согласност со политичките текови.
– Надворешната политика е одраз на внатрешната политика на една држава, а дипломатијата како професионална служба или државен орган ги спроведува политичките одлуки. Секако, дипломатите прават анализи и даваат предлози за одредени политички прашања, но во практиката почесто се соочуваат со предизвиците на ограничените ресурси на мала држава. Ние имаме дипломатски претставништва каде што е само амбасадорот, а нашата дипломатија надвор во многу случаи е оставена речиси сама на себе, да се справува пред сѐ со оперативно-технички предизвици на функционирање, покрај дипломатските – вели амбасадорот Габер.
Причините за состојбата со ограничените капацитети и ефикасност на македонската дипломатија, првиот македонски амбасадор во Грција и претседател на македонскиот Совет на амбасадори, Љупчо Арсовски, ги гледа во неуспешниот обид да се создаде професионална дипломатијата (дипломати од кариера) и да се надмине политичката поларизација.
– Во 2003 година беше донесен Законот за надворешни работи, на кој главната идеја му беше создавање професионален кадар, ослободен од политички влијанија. Идејата беше 75 отсто од дипломатите (амбасадорите) да бидат професионалци, а 25 отсто докажани општествени работници (политичари, уметници, лекари и други истакнати во своите професии). Но со промената на многу министри се разводни таквата идеја на законот, што најлошо се одрази при решавањето на клучното прашање – спорот со Грција за нашето име. Целиот процес се водеше непрофесионално, со игнорирање на законите и професионалните кадри, без транспарентност и со манипулација на јавноста. Доколку беа вклучени професионалните дипломати, можеби ќе имаше и подобро решение. Можеби е добро што се реши работата со Грција, но остана голема лузна – констатира амбасадорот Љупчо Арсовски.