Во последно време бројот на заболените од ковид-19 во Битола постојано се зголемува. Секојдневно сме сведоци како голем број битолчани и жители на југозападниот регион заболуваат од коронавирусот.

Во Центарот за јавно здравје велат дека постојано се зголемува, не само бројот на тестираните и заболените, туку што е уште полошо, и на хоспитализираните лица.
Загрижува тоа што во последно време драстично расте и бројот на младите во Битола кои се заразуваат од ковид-19.

Според последните податоци бројот на хоспитализираните болни во Инфективното одделние во Битола е над 78 позитивни и суспектни пациенти на ковид-19. Уште позагрижувачко е што сите хоспитализирани лица се со тешка клиничка слика, а околу 65 болни се на кислородна поддршка.

Иако Инфективното одделение е речиси полно, се уште не е готов Модуларниот ковид-центар, кој требаше да биде изграден за три недели, а ни по четири изминати месеци никој не знае кога ќе биде пуштен во употреба.

За тоа кои се причините за доцнењето на Модуларната ковид-болница, во Клиничката болница во Битола молчат. И покрај сите напори да ја добиеме директорката на
Клиничката болница Билјана Гагачовска, и неколкуте пораки кои и ги испративме, за жал, од таму не добивме одговор. Во таква ситуација се обративме до министерот за
здравство Венко Филипче кој експресно ни одговори на нашите прашања.

Според Филипче изградбата на Модуларниот ковид центар во Битола, била готова и остануваат да се завршат уште само некои работи. Но притоа министерот Филипче не одговори конкретно кога Модуларниот ковид центар ќе биде пуштен во употреба.

Инаку Модуларниот ковид-центар во Битола, покрај средствата на Министерството за здравство, се гради и со донации на Општината Битола, како и јавните комунални
претпријатија и АД ЕСМ.За изградба на Модуларната ковид болница двете јавни
комунални претпријатија „Никоградба“ и „Водовод“ донираа по 1.500.000 денари. Со овие средства тие ги изградија приклучоците за вода и канализација.

Свои средства донираше Општината Битола која со одлука на Советот издвои вкупно 40.000 евра за изградба на Модуларната ковид-болница. За изградба на модуларната болница значајни средства издвои и АД ЕСМ, која одлучи средствата наменети за
рекламен материјал за Новата година, во износ од 2.400.000 денари да ги насочи за изградба на ковид-центарот.

Според проектот, Модуларниот ковид-центар во Битола, ќе зафаќа површина од 1.000 метри квадратни и се состои од три модуларни градби, од кои две се наменети за интегриран тријажен центар со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар. Ковид-центарот треба да биде опремен со најсовремени апарати за лекување на позитивни лица од ковид-19, а ќе бидат поставени и апарати за кислородна поддршка.
М.М.