Министерот за здравство, Венко Филипче денеска одржа работен состанок со експертите од Светска банка, на кој ги образложи сите аспекти од проектот за подобрување и надградување на здравствената инфраструктура, односно брз одговор и справување со ковид-19.
На состанокот од страна на Светска банка присуствуваа водечкиот специјалист за здравство Доминк Хазен, одговорната за програмите за човечки развој во канцеларијата на Светска банка во Скопје Бојана Нацева, специјалистот за набавки Антониа Виачка, како и виш специјалист за општествен развој Беким Имери, специјалистот за животна средина Ивана Новаковиќ и програмскиот асистент Јасминка Шопова.
– Светска банка го поддржа прелиминарниот предлог проект, кој има одличен концепт за справување со здравствената криза предизвикана од коронавирусот. На состанокот ги образложив сите аспекти кон покривање на итните потреби на здравствениот систем, а тоа е зајакнување на капацитетите на системот за соодветно менаџирање на случаите со ковид-19. Проектот е насочен кон подобрување на дел од здравствените установи, но и обезбедување на лабораториска опрема. Жалам што дополнителната заменичка министерка за финансии целиот овој изминат период го блокираше проектот, а со тоа се ставија во ризик пациентите. Нашиот предлог план е поддржан од страна на Светска банка, но истиот може и да се надополни, тие се флексибилни. Пациентите се на прво место. И токму затоа, со овој проект, ќе го зајакнеме нашето јавно здравство, но и подобро ќе одговориме на предизвикот со ковид-19 – изјави министерот Филипче.