Центарот за јавно здравје Прилеп денеска регистрирал рекордни 64 нови случаи на коронавирус, а само 9 лица оздравени од заразната болест. Од последици на коронавирусот почина едно лице на 61-годишна возраст.
Бројот на активни случаи изнесува 564, од кои 499 се наоѓаат на домашно, а 65 на болничко лекување.
Заради зголемениот број на заразени, само за октомври има 722 нови случаи, прилепската болница ќе се реорганизира со цел поефикасно справување со корона кризата. Капацитетот на леглата е зголемен на 100, а во битката со вирусот поактивно се вклучуваат и матичните лекари.
Драган Богојески, директор на прилепската градска болница „Борка Талески”, посочува дека одделенијата за уво, нос и грло, дел од интерното одделение и од очното одделение во болницата од среда ќе бидат Ковид-центри.
– Договорено е дел од Интерното одделение каде нема пациенти да се пренамени за Ковид центар, исто така Очното оддление кое моментално се наоѓа на истиот кат каде е одделението за уво, нос и грло кое делумно го проширивме за пациенти од ковид-19. Значи двата крака ќе бидат пренаменети со што добиваме имаме уште 50 легла или вкупно 100 кревети за сместување пациенти со ковид-19 – вели Богојески.
Најголем проблем за болницата сепак е недостигот од медицински персонал, зашто во одредени одделенија има позитивни на коронавирусот, а дел се наоѓаат во изолација
– Болницата со допис побара и доби дозвола од Министерството за здравство да ги ангажира дваесеттината специјализанти, а веќе од денеска ротираат на Инфективното одделение и специјалистите од другите одделенија.
Постои надеж дека наскоро ќе се обезбеди централниот довод на кислород во Инфективното одделение каде нема проблем со доставувањето на боци со кислород.
Доктор Мирјана Крстеска, раководител на Инфективното одделение вели дека работата им е олеснета со ротацијата на медицински персонал, при тоа посочувајќи и барајќи од пациентите да не го оптоваруваат одделението доколку немат тешки симптоми.
Матичните лекари се вклучуваат во битката со корона вирусот со поактивно следење на здравствената состојба на заразените пацинети.
Инаку во Прилеп во домашна изолација и самоизолација се наоѓат 853 лица. Вкупниот број на заразени од ковид-19 од почетокот на пандемијата изнесува 1440.
Токму заради оваа причина градоначалникот Илија Јованоски апелираше, особено до помладите да ги почитуваат мерките за заштита и секој поединец да покаже одговорност.

Ка.М.