Кичево денес забележа рекорден број на новозаболени од ковид-19, вкупно 55, со што го собори досегашниот неславен рекорд од 44 лица инфицирани од овој вирус. Во изминатите десетина дена во оваа општина со 56.000 жители, има драстичен скок на новозаболени од ковид-19. Секојдневниот пораст на инфицирани придонесе вкупната бројка на заболени од појавата на коронавирусот во март да се искачи на 1.114.
Овој раст на новозаболени и малиот број на оздравени, придонесе со денешните новозаболени во општината да има дури 515 активни случаи. Денес нема ниту еден оздравен, ниту починат жител на оваа општина. Целокупниот капацитет за ковид-19 во Општата болница е пребукиран и градот има насушна потреба од зголемен број на кревети за згрижување на болни од овој вирус. Директорот на болницата Станко Трпески претходно кажа дека тоа ќе се реши со изградбата на двата монтажни објекти во кругот на болницата, каде што ќе можат да се згрижат дополнителни 40 пациенти. А со постоечкиот капацитет, во еден момент во болницата ќе бидат згрижени над 60 инфицирани лица. Од Кризниот штаб апелираат за целосно почитување на мерките, во спротивно ќе се повторуваат денешните бројки на новозаболени.
– Ако граѓаните не се придржуваат до протоколите пропишани од Владата, за очекување е и во понатамошниот период да ни се повторуваат слични бројки. Само одговорноста на сите граѓани е најдобрата превентива за заштита од коронавирусот. Уште еден апел до граѓаните да ги почитуваат мерките, а ако почуствуваат симптоми што посочуваат на ковид-19 навремено да се тестираат и да се изолираат, за да не го шират вирусот на останатите граѓани – апелира д-р Џабир Бајрами директор на Здраствениот дом.
Во кичевската болница дневно можат да се вршат по 40 брзи тестови или на неделно ниво 240 граѓани можат да се информираат дали се заразени со ковид-19. З.А.