Следниот месец може да биде еднакво критичен за неконтролирано ширење на коронавирусот, пред сѐ поради традициите и навиките што муслиманите ги практикуваат за време на овој пост. Дали државните и здравствените власти ќе носат посебни мерки за време на рамазанските пости и како ќе се најде баланс меѓу верските права и мерките за заштита се дел од прашањата на кои се чека одговор
Првиот бран од стравот за евентуално масовно ширење на коронавирусот помина. Иако многумина се сомневаа во исправноста на одлуките на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, верските објекти да не бидат затворени, во нив да се одржуваат литургии без присуство на верници, сепак чествувањето на празникот Велигден покажа дека немаше опасност за масовно ширење на заразата.
Пред нас е уште еден нов предизвик, повторно поврзан со верските права и слободи на граѓаните. Иако џамиите се затворени за петочните масовни молитви, сепак од 23 април годинава почнува светиот месец на постот кај муслиманите – Рамазан.
Муслиманите следните 30 дена ќе ги поминат во пост, по што ќе го прослават празникот Рамазан-бајрам. Овој месец може да биде еднакво критичен за ширење на коронавирусот, пред сѐ поради традициите и навиките што муслиманите ги практикуваат за време на овој пост.
Традицијата кај муслиманите е поврзана со ифтарските вечери. Ако суфурот е оброк со најблиските, ифтарските вечери се практикуваат како големи собири со пријатели, роднини, познаници, со кои се споделува вечерата. Токму овие настани може да бидат критични точки за евентуално ширење на заразата.
Дали државните и здравствените власти ќе носат посебни мерки за време на рамазанските пости и како ќе се најде баланс меѓу верските права и мерките за заштита се дел од прашањата на кои се чека одговор.
Од Исламската верска заедница велат дека веќе ги почитуваат мерките што државата и здравствените власти ги пропишале за овој период.
– Рамазанските вечери ифтари ќе ги извршуваме дома, со семејството. ИВЗ нема да организира групни вечери како што беше практика низ годините. Ниту во џамиите нема да се одржуваат вечерни предавања за време на постот – велат од ИВЗ.
Постот кај муслиманите е со воздржување од храна од изгрејсонце до зајдисонце. Практично периодот на функционирање и на јадење кај муслиманите се совпаѓа со времето на полицискиот час.
Во деновите на постот муслиманите се најактивни токму пред изгрејсонце, околу 4 или 5 часот наутро, и пред зајдисонце, од 19 до 20 часот. Тоа се термините во кои се практикуваат суфур-оброкот пред изгрејсонце и ифтар-вечерата по зајдисонце.
Централниот кризен штаб формиран за мерките против ковид-19 вчера дискутираше за измена на времетраењето на полицискиот час од 19 до 5 часот, Ова го објави на својот фејсбук-профил вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој посочи и дека веројатно Владата ќе донесе пакет одлуки што се однесуваат на овој месец.
– Деновиве планираме во централниот штаб да разговараме во однос на месецот Рамазан, бидејќи се работи за празник од 30 дена, со одредени специфики, за да ги видиме сите околности кои се можните ризици од евентуално однесување на луѓето почитувајќи ги верските обврски – истакна Османи.
Османи наедно им се заблагодари на челниците на ИВЗ што доброволно прифатија да ги затвораат џамиите, односно да ги забранат верските обреди веќе неколку недели.
– Мислам дека така треба да продолжи и во наредниот период, сѐ додека се стабилизира здравствената состојба, односно Комисијата за заразни болести не донесе одлука дека може повторно да има собирање на луѓето – изјави Османи.
По појава на коронавирусот во Македонија, првично полицискиот час почна да се применува од 21 до 5 часот, односно оваа одлука траеше неколку дена, а потоа беше заменета со времетраење на полицискиот час од 16 до 5 часот.
Наедно од Владата во неколку наврати информираа дека олеснувањата на рестриктивните мерки ќе почнат да се применуваат по 1 мај годинава.