Родителите наведуваат дека со забраната за движење, се создава ситуација во која голем број родители не можат да остварат никакво видување со своите деца со месеци, сѐ додека трае вонредната ситуација
Родителите со кои децата не живеат по развод или разделба (и мајки и татковци), бараат од Владата во најкус можен рок да им дозволи да можат да се движат за време на полициски час, за да можат да си ги гледаат децата. Видувањата на децата се и без вонреднава состојба ограничени на само неколку дена месечно и се одвиваат претежно за викенд (а сега во викендите има целосна забрана за движење).
Дописот е испратен до Влада, а е потпишан од претставници на граѓанската иницијатива за заедничко родителство по развод, како и од првата детска амбасада во светот, „Меѓаши“.
– Решенијата на центрите за социјална работа вообичаено предвидуваат да си ги гледаме децата секој втор викенд од петок попладне или сабота наутро, до недела навечер. Со оглед на природата на ситуацијата и многуте засегнати деца, бараме во најкус можен рок да ја дополните одлуката како што е опишано погоре. Свесни сме дека ниту родителските права ниту правата на децата не се суспендираат во вонредна состојба и должност на државата е да ги заштити истите во секакви околности. Нашето видување со децата се регулирани од државата и се одвива според решенијата за видување издадени од Центрите за социјална работа (ЦСР). Тие видувања, кои се и така ограничени на само неколку дена месечно, се одвиваат претежно за викенд, а сега во викендите има целосна забрана за движење. Решенијата на ЦСР вообичаено предвидуваат наше видување со децата секој втор викенд од петок попладне или сабота наутро до недела навечер – стои во дописот до Владата.
Родителите наведуваат дека со забраната за движење, се создава ситуација во која голем број родители не можат да остварат никакво видување со своите деца со месеци, сѐ додека трае вонредната ситуација.
– Со тоа, на огромен број деца, по наши пресметки околу 15 илјади деца, директно им се нарушува едно од основните детски права – правото на контакт со двата родитела. Долготрајното, неколкумесечно отсуство на контакт со едниот родител, особено во ситуација на домашна изолација не може да донесе ништо добро за децата. Напротив, очекувано е да резултира со отуѓување од родителот со кого детето нема контакт, но и со цела низа негативни психолошки појави (гнев, лутина, депресија итн.) чии последици ќе останат и долго по укинувањето на вонредната состојба.
Целосно сме свесни за опасностите по здравјето од тековната пандемија и нормално дека би ги преземале сите препорачани мерки за заштита при земањето и враќањето на децата, како и при нивниот престој во нашите домови – стои во соопштението.
Родителите потенцираат дека ниту имаат каде да се за обратат за помош, ниту постои ефикасен правен лек за брзо надминување на тековнава ситуација.
– Голем дел од засегнатите родители во изминативе денови индивидуално се обраќаа до полициските станици во своите градови, но не добија дозвола за движење во тек на полицискиот час и беа повторно препраќани во ЦСР. Знаеме и од претходно дека ЦСР немаат соодветни механизми како да обезбедат извршување на своите решенија, па го игнорираат проблемот и оставаат родителите да се договорат (а да можеле да се договорат, немаше да има потреба да се инволвираат ЦСР). Ситуацијата е дополнително влошена со редуцираното присуство на службениците во ЦСР на нивните работни места, недобивањето на одговори или добивање на крајно формални одговори по телефон и елетронска пошта и продолжените рокови за одговор во управните постапки, поради вонредната состојба. Затоа, сметаме дека единствен начин да се надмине сегашната ситуација е измена на горенаведената одлука од 6-ти април, со тоа што лица кои ќе се движат за време на полициски час по основ на остварување на право на средба со деца според решение издадено од ЦСР, да се пропуштаат и да се евидентираат како контролирани лица. За потврда на потребата на движење, родителите да се задолжат да го приложат соодветното решение за видување издадено од ЦСР. Со ваквата одлука би го следеле примерот од соседните држави. Во државите од окружувањето, како на пример Србија и Хрватска, постојат вакви исклучоци од забраните за движење – нагласено е во дописот.