Фото: Маја Јаневска-Илиева

Додека во кујната се крчка ручекот, трпезаријата ми е канцеларија, а салонот – училница за моите деца, велат нашите соговорници

Ова време на ковид-19 што го живее светот натера илјадници работници низ светот да ги извршуваат своите работни обврски од дома, се разбира во оние дејности во кои природата на работата го дозволува тоа. Тоа знае да биде вистински предизвик за работниците и работодавците што досега не функционирале така, но практиката покажува дека, сепак, не било невозможна мисија.

Како е да се работи од дома? Дали ефектот на работењето е ист како и оној во работните простории на компаниите? Како изгледа едно секојдневие на работник, но и на работодавец што работат од дома?
За овие нешта поразговаравме со Дијана Насева, советничка за квалитет на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како и со Билјана Караманолевска, сопственичка на приватните градинки „Светот на Колорес“.
– Кога првиот ден ни кажаа дека треба да ги спроведеме мерките што ги препорачуваат Министерството за здравство и Владата за работа од дома, си помислив – што е со роковите, од дома нема шанси, ми отидоа проектите. Мајка сум на две деца, десет и седум години, на кои исто така им се скрати слободата на движење и другарување со другарчињата, а и чудо некое, постојано се гладни и нешто им се каснува. И хигиената во домот мора да е на високо ниво, па откако ќе дезинфицирам сум помирна и можам да работам – вели Насева.

Како што ни раскажа таа, работата на универзитет и порано барала активност за викенд или навечер, ама, сепак, имало некаква динамика.
– Ваквата состојба сепак е новина, ама со добра организација, убедена сум дека функционира. Менаџерка за квалитет сум на меѓународен проект што завршува во мај. Требаше да имаме инфоден на 25 март, ама го одложивме и, ете, известување на гостите дека го одложуваме и тоа не може да чека. Во меѓувреме од партнерите од Грција ни стигна информација за брошурата што треба да ја направиме, и таа е со рок, уште една задача плус. Во моментов е отворен повикот за проекти за Еразмус+ . Со колеги разработуваме неколку предлози со кои сакаме да аплицираме, бидејќи Еразмус е одлична програма за развој и вмрежување на универзитети од цела Европа. Со роковите што се пред мене не останува ништо друго освен трпезаријата да се модифицира во канцеларија, салонот во училница, додека во кујната се крчка ручекот, а во рерната питата од јаболка – раскажува Насева.

Дијана Насева

Тие дома си направиле одлична организација – појадок, телефони, работа/учење, вежбање, и сите во исто време се зафатени за да не си досадуваат.
– Опцијата работа од дома сега комплетно ја разбирам и лесно ја прифаќам. Уште не бара шминки, преса за коса, штикли, па што да облечам. Среќа што имаме интернет, телефони, социјални мрежи да може со другарките и колешките да споделуваме и убави моменти и кризи и да го планираме животот по ковид-19. Работата со крајни рокови наложува да го распределиш времето за навремено завршување на своите ангажмани, без оглед дали си дома или во канцеларија. Сепак, искрено се надевам дека набргу ќе се смират состојбата и потенцијалната опасност и ние екстровертите ќе се вратиме на својот нормален живот и секојдневна динамика – додава Дијана.
Караманолевска, пак, е работодавец што има приватна установа за деца, во која работат 24 лица. Иако е навистина тешко онлајн да се работи со децата и да се даваат насоки, работата е организирана преку интернет затоа што во моментов нема друга опција. Во двата објекта на градинката има вкупно околу 160 дечиња.

– Секоја воспитна група има свој воспитувач и своја „тајна група“ на Фејсбук. Сите воспитувачки се инволвирани во својата група во текот на денот, задолжително од 9 до 17 часот треба да ги спроведат активностите со најмалите. Некои од активностите се снимени како видеоснимка, а некои се активност во живо. Активностите се во согласност со програмата предвидена за овие денови. По зададената задача имаме период од еден час каде што дечињата ги сработуваат своите активности со помош на родителот, а сето тоа го објавуваат повторно во групата. Засега добро сме организирани и поголемиот дел од родителите сфатија дека треба да се заврши зададената активност – вели Караманолевска.

Билјана Караманолевска

 

Во однос на тежината на работењето таа додава дека се среќни што можат да комуницираат со децата.
– Сепак, овој стил на работа не е добар на подолг рок, бидејќи градинката постои најмногу заради социјализација на децата – додава таа.