Овој месец инспекторите само следат дали наставниците одржуваат онлајн-настава во сите единици на основното, средното и високото образование. Тоа ќе го прават преку доставување листи за проверка на основните и средните училишта, но и на високообразовните установи и ќе се бара почитување на насоките дадени од МОН за електронско учење
ПРОСВЕТНИОТ ИНСПЕКТОРАТ СЛЕДИ, НО НЕ КАЗНУВА
Откако на 11 март беа затворени училиштата во Македонија, државните просветни инспектори ја проверуваат работата на наставниците преку своите компјутери. Во услови на неможност да се контролира целокупната работа на наставниците и на училишните директори, тие го прават тоа преку електронскиот дневник, каде што гледаат дали секој наставник ги внесува навремено податоците. Надзорот се прави и преку т.н. чек-листи за секој ученик, кои се всушност документи во кои наставникот ги пишува сите постигнувања на ученикот.
– Од појавата и преземањето на мерките во однос на вирусот, Инспекторатот работи комбинирано, со тоа што работите што можат да се извршуваат по електронски пат се вршат од дома, а преостанатите работи инспекторите ги извршуваат од работните места. Во март, по електронски пат се извршени вонредни надзори. Проверувавме дали сите образовни установи ги презеле сите активности за превенција од коронавирусот (дезинфекција), а и телефонски се разговараше со раководните лица. Од согледувањата е утврдено дека се почитуваат одлуките на Владата за прекин на воспитно-образовниот процес и другите зададени насоки од Министерството – вели Томе Спировски, директор на Државниот просветен инспекторат.
Овој месец, инспекторите ќе следат дали наставниците одржуваат онлајн-настава во сите единици на основното, средното и високото образование. Ќе им бидат доставени листи за проверка на основните и средните училишта, но и на високо-образовните установи и ќе се бара почитување на насоките дадени од МОН за електронско учење. Проверка на добиените податоци на терен ќе се изврши откако ќе се создадат соодветни услови.
Наставниците велат дека секој ден во електронскиот дневник внесуваат податоци за секој час и за тоа што се работи на тој час. Поради тоа што голем број наставници работат во исто време, често се случува да има проблем со серверот и многумина од нив не можат да влезат во системот.
– Во интерес на ситуацијата, внимаваме на децата да не им даваме премногу задачи и домашни. Моите ученици се второ одделение и во добар дел не можат самостојно да работат, неопходни им се помош и проверка од родителите. Секој наставник има чек-листа за детето, таму се внесува како напредува тоа по секоја тема. Малку е отежнато следењето на тој процес, но не е невозможно да се следи напредокот. Наскоро треба да имаме наставнички совет, за да ги утврдиме знаењата односно оценките за третото тримесечје. Поради ситуацијата, наставничкиот совет ќе се одржи онлајн, преку апликацијата Зум, како што е насоката од Министерството – вели Драгица Поповска, одделенска наставничка.
Сите ученици и наставници немаат уред за да можат да ја следат наставата. Многу наставници немаат слушалки, звучници и друга дополнителна опрема, која им е неопходна за да држат онлајн-настава. Неодамна МОН анкетираше родители, односно праша кое дете нема уред, но резултатите беа необјективни, бидејќи имаше многу родители што не се социјално загрозени, а се пријавиле дека се.
– На тие списоци имаше многумина родители што не би требало да добијат паметен телефон или компјутер. Сега МОН треба да ги сумира резултатите, да се види реалната потреба од паметен уред и интернет, па потоа во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација ќе одлучуваат кому ќе му обезбедат интернет и уреди за да можат да се поврзат – вели директорот Спировски.
Наставниците имаат обврска да работат со децата, независно кој начин за комуникација го одбрале. Спировски рече дека во оваа вонредна состојба ќе се бара да се почитуваат насоките, но нема да се оди со казни за непочитувачите.
– Ќе одиме на тоа да ги согледаме најдобрите примери, затоа што, ете, има луѓе што не се доволно подготвени за да предаваат и да функционираат на компјутер. Но затоа имаме добри наставници, кои им помагаат на оние послабите, веќе имаме многу такви примери. Тие знаат добро да ги инструираат. Знаете, имаме и четириесетгодишни наставници, кои не се заинтересирани да научат, но има и 60-годишни наставници, кои феноменално знаат да работат на компјутер – додава Спировски.