Модуларната болница во Битола е пуштена во употреба и денеска ги прими првите пациенти од ковид-19.
Со нејзиното пуштање во употреба во Битола ќе има уште 90 нови кревети за лекување на болните од ковид-19, со што Клиничката болница, која како ковид центар врши услуги за болните од регионот, ќе функционира со 170 кревети.
Според последите податоци, вкупно во Битола се хоспитализирани 123 лица, од кои најголемиот број се на возраст од 25 до 50 години, и се со тешка клиничка слика и на кислородна поддршка..
– Се работи за пациенти од различни возрасни групи, но во овој нов бран имаме пацинети кои се млади од 25 до 50 години и тоа е главно најголемата бројка од нашите хоспитализирани пациенти кои се, за жал, многу тешки и во некои случаи нашите преземени терапевтски мерки не покажуваат клинички ефект, па во последните денови имаме и многу смртни исходи. Имаме пациенти од 25, 28, 30 години, амбулатно ни доаѓаат и 16-годишни, старосната граница е многу спупштена кон помладата популација – изјави д-р Ели Димитровска, според која потрошувачката на кислород во ковид центарот е зголемена до 1,6 тони, а се очекува да стигни до 2,5 тони.
Во овој момент наголем проблем во Клиничката болница е недостигот на лекарски и друг медицински кадар, кој засега се обезбедува со ротирање на медицинскиот персонал.
М.М.