Фото: Маја Јаневска-Илиева

НА УНИВЕРЗИТЕТот „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ СЕ ОДРЖАА ИЗБОРИ НА ОТВОРЕНО

На факултетите на УКИМ деновиве се избираат членови на Сенатот, како и членови на изборната комисија што треба да го избере новиот ректор на 17-ти овој месец. На правниот факултет „Јустинијан Први“ вчера се одржаа изборите за членови на Сенатот и на изборната комисија.
Професорите на факултетот тајно гласаа на отворено, пред влезот на факултетот. Секој од нив носеше заштитна маска, а пред гласањето си ги дезинфицираа рацете и користеа различни пенкала. Се потпишуваа на список, земаа лист и гласаа зад параван, по што листот го ставаа во гласачката кутија. За член на Сенатот е избран проф. д-р Тони Десковски, а второизбраната сенаторка од овој факултет е професорката Родна Живковска.

Изборот на ректор треба да се случи за помалку од две недели, а имаше обвинувања од проректорите дека актуелниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски, сака незаконски и нестатутарно да го заврши изборот на ректор. Тој за „Нова Македонија“ рече дека во согласност со членот 221 од новиот Закон за високото образование е предвидено избраниот ректор, проректор, декан, продекан, член на Универзитетскиот сенат, да продолжуваат да ги вршат своите функции за кои се избрани.
– Од тие причини во овој закон не е предвиден рок за избор на претседател на Сенатот како што е предвиден рок за избор на сите органи и тела, вклучувајќи го и рокот за формирање на Универзитетското студентско собрание. Од друга страна, не постои генерален акт што регулира дека изборите воопшто за сите органи се стопираат за време на вонредна состојба. Постои уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, но таа ги регулира само парламентарните избори што се во тек.

За нашиот случај, единствено важечки се мерките и протоколите на Владата за одржување седници и состаноци и сл., каде што е предвидено дека бројот на присутни лица на седниците не е ограничен, но треба да се почитуваат мерките за растојание од два метри, маски, дезинфекции на раце, простории – објасни ректорот.
Тој појаснува дека уредбата со законска сила за високото образование, членот 5, не се однесува на изборот на ректорот на УКИМ, бидејќи неговиот мандат не престанува за времетраењето на вонредната состојба, туку на органите на универзитетите на кои им престанал мандатот за времетраењето на вонредната состојба, истиот тој им се продолжува само додека трае вонредната состојба.

– Универзитетот продолжува таму каде што застанал, бидејќи се создадени услови за физичко одржување седници, физичко спроведување испити. Изборот на членови на Универзитетскиот сенат се врши со тајно гласање. Во согласност со Статутот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, постапката за избор на членови на Универзитетскиот сенат ја почнува ректорот најмалку 60 дена пред истекот на мандатот на постојниот Сенат, односно најдоцна 27 април. Меѓутоа, следејќи ги мерките и протоколите на Владата, не можеа да се одржат седниците на наставно-научните/научните совети на факултетите и научните институти, со физичко присуство на нивните членови.

Поведената постапка се врши на тој начин што во писмото до единиците се става рок до кога треба единиците да извршат избор на сенатори. Од тие причини, писмото со рок е пратено по олабавувањето на мерките во делот за присуство на бројот на лица во затворен простор, односно мерката и протоколот на Владата од 22 мај, со која не се ограничува бројот на присутни лица во затворен простор при одржување седници, така што се создадени услови за одржување седници на наставно-научните/научните совети за тајно гласање – истакна Јанкуловски.

Во трката за ректор на најстариот универзитет во државата се четворица кандидати. Освен проф. д-р Никола Јанкуловски, во трка за ректорската фотелја се и проф. д-р Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања и поранешен заменик-министер за образование и наука, потоа проф. д-р Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна, кој беше декан на факултетот, како и проф. д-р Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и актуелен проректор за настава.

Фото: Маја Јаневска-Илиева