Заменичката на претседателот на Владата за економски прашања, Мила Царовска, министрите за здравство, Венко Филипче, и за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, денеска во „Паркот на Франкофонијата“, одржаа работен состанок со преставници од Здружението на културни работници.
На состанокот се разговараше за предлог-протоколот за организација на јавни настани, вклучувајќи ги и поголемите културно-забавни манифестации во услови на коронавирусот ковид-19.
Вицепремиерката Царовска и останатите присутни министри на состанокот истакнаа дека Владата ќе ја разгледа оваа иницијатива од културните работници и ќе постапи во согласност со мислењата и препораките што ги дава Комисијата за заразни болести.
Претставниците на Здружението истакнаа дека организацијата на настаните како што се концерти и фестивали е возможна и во услови кога светот се соочува со пандемијата, доколу истите се прават под строго утврдени протоколи за заштита на здравјето на присутните. Здружението е подготвено преку кампањи за подигање на јавната свест да ги информира граѓаните за условите под кои би се одржувале настаните.