Откога група граѓани преку социјални мрежи повикаа на протест против полицискиот час, експертите се поделени во оцените за заднината на ваквата активност, но се согласни за тежината на, според нив, мошне извесните последици
Дали најавениот протест против полицискиот час во Македонија е автентичен граѓански активизам или само обид за следење на светскиот тренд за манифестирање отпор кон рестриктивните мерки што повеќето влади, вклучувајќи ја и македонската, ги воведоа заради заштита од пандемијата на коронавирусот?
Имено, под мотото „Сите ние кои сметаме дека ова треба да заврши, сите ние кои сме свесни“ група граѓани преку социјални мрежи повикаа на протест против полицискиот час, кој викендов би требало да се одржи пред зградата на Владата во Скопје. „Нова Македонија“ по овој повик се консултира со социолози, политиколози и претставници на граѓанските организации, во обид да ги разјасни мотивите за најавениот протест.
Социологот Илија Ацевски вели дека науката во моментов нема „дијагноза“ за овој феномен на протести, кои не само во Македонија туку и во светот се солидно застапени, а медиумите досега регистрираа вакви примери во САД, Германија, Англија…
– Метафорички кажано, овој тип протести во себе носат многу нејаснотии за нивниот мотив за одржување и тие не се ништо друго, освен израз на примитивна култура, која изразува негодување кон новиот начин на живот – вели социологот.
Ацевски истакнува дека по логиката на нештата, науката во социологијата добро ги има истражено протестите и демонстрациите како општествени случувања, и за секој вид точно се знае зошто се организирани, каква цел постигнуваат и кон што се насочени.
– За конкретниов случај има многу непознати во равенката. Мене не ми е јасно кој ги организира, нема информации што точно е причината за да се повикаат луѓето на улица и на крајот најважно е што не е јасна ни целата што би се постигнала ако протестот биде, така да речеме, успешен – вели Ацевски.
Тој објаснува дека животот во овие услови е навистина тежок и дека сите имаме тешкотии додека живееме во карантин, но мерките на нашата држава и на многуте во светот се донекаде логични бидејќи имаат цел што се обидуваат да ја постигнат, а тоа е намалување на бројот на човечки жртви и искоренување на вирусот.
– Па доколку се собере сѐ што напоменав, и на двете страни од равенката, јас овие настани не би ги вброил во групата протести од политичка или од економска природа, кои и онака често ги имаме во земјата – вели Ацески.
Тој додава дека тие за него се само настан со ризик за Македонија, кој би можел штетно да се отслика врз здравјето на населението доколку демонстрантите навистина без медицинска заштита би протестирале заради укинување на полицискиот час.
Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“, кој има големо искуство во граѓанскиот сектор и во организирање и одржување протести, актуелните настани ги карактеризира како несериозни, монструозни и штетни.
Дерала вели дека кога коментира настани од овој тип, секогаш им пристапува со доза резерва бидејќи тие честопати се идентификуваат со размислувања блиски до теориите на заговор во однос на пандемијата на коронавирусот.
Според Дерала, главниот мотив на овој закажан протест е да се постигне ефект на бранување на јавноста и да се прикаже одраз на некое незадоволство, кое со сигурност ќе биде насочено против државниот систем и начинот на кој тој се бори против вирусот.
Тој истакнува дека е човечки да се чувствува фрустрација од начинот на живот во карантин бидејќи сите ние тешко се справуваме со состојбите затоа што сме социјални битија, но додава дека не е за оправдување идејата на некого дека оваа состојба треба да се експлоатира за политички цели.
– Мислам дека ако постои држава и ако постои државен апарат, организаторите на овој протест досега требало да бидат повикани на разговор – вели меѓу другото Дерала.
Токму поради наведеното, тој претпоставува дека протестот што е најавен за овој викенд, е само првиот од низата што би можеле да следуваат во идниот период во државата.
Политикологот Милан Стефаноски, пак, во најавениот протест препознава помодарство на одредени центри во земјава и нивна желба да се идентификуваат со дејствувањата на следбениците на популистичките политики на американскиот претседател Доналд Трамп или на британскиот премиер Борис Џонсон.
Стефаноски оценува дека за него лично од научна гледна точка, нема јасна дефиниција на тоа што е целта што се сака да се постигне со протестот и кој би бил крајниот епилог од неговото одржувањето.
– Јас верувам дека ова случување од државните чинители, но и од политичките партии треба да биде што поскоро искритикувано и стопирано. Тоа го тврдам поради страв дека е возможно како нуспроизвод на протестот во скора иднина и да се најдеме во некоја лоша позиција во која е возможо да се зголеми бројот на заболени граѓани во земјава – резимира политикологот.