Втората пратка вакцини на „Фајзер“ наменети за Македонија денеска пристигна од Србија. Пратката од 3.510 вакцини ја прими министерот за здравство Венко Филипче, на граничниот премин Табановце. Вакцините ги предаде српскиот министер за здравство Златибор Лончар.
Станува збор за втората пратка од вкупно 8.190-те вакцини на компанијата „Фајзер“ кои Србија и ги даде на Македонија. Претходно, првата пратка од Србија пристигна на 14 февруари, при што премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ тогаш присуствуваа при примопредавањето на донацијата.
– Денеска пристигна и втората пратка на вакцини од Србија. Со овој чин на пријателство и добрососедство, а на иницијатива на премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ ќе ги вакцинираме сите здравствени работници кои работеа и работат со ковид-пациенти. Досега 1.300 се вакцинирани и целата количина од 8.190 дози ќе биде доволна за нашите херои кои една година се во првите редови во борбата со вирусот. Се заблагодарувам на целиот српски народ, нашата меѓувзаемна грижа и поддршка продолжува и понатаму – се наведува во изјавата на Филипче објавена на неговата официјална фејсбук-страница.