Во касарната во Ѓорче Петров денеска беше примена заштитна медицинска опрема составена од 62.000 заштитни маски, 4.200 заштитни очила, 3.000 визири, 6.000 заштитни одела и комплети, ракавици, инфузиски пумпи, електрични термометри и 2 сета термални шлемови, донација од Народна Република Кина, во вкупна вредност од околу 250.000 евра.

На примопредавањето на донацијата, државниот секретар во Министерството, Драган Николиќ се заблагодари на НР Кина и кинескиот народ за, како што рече, овој хуманитарен гест.

– Само преку активностите на солидарноста, заедничките споделувања на искуствата, научените лекции можеме сите заеднички и во регионот и глобално, во светски размери, да ја победиме оваа пандемија – порача Николиќ и потсети дека припадниците на Армијата за кои е наменета оваа донација уште од самиот почеток на пандемијата покажаа највисоко ниво подготвеност во справувањето со предизвиците предизвикани од корона – вирусот.

Амбасадорот на НР Кина во нашата земја, Џанг Ѕуо, истакна дека станува збор за искрена поддршка од кинескиот народ во борбата против вирусот и дека донацијата практично ја покажува соработката помеѓу двете армии. Кинескиот амбасадор изрази надеж дека со заедничка борба можеме колку што е можно поскоро да го победиме
вирусот.