Пандемијата во нашата држава отвори можност на голема врата да се врати феноменот на лидерската средба. Вообичаено, со таквите средби се правеше политички слалом низ Уставот, законите и институциите, аминувано од меѓународната заедница. Но со таквиот начин владеењето на правото сѐ повеќе паѓа во рацете на дневната политика, која е водена од моментални и актуелни сензации на политичките партии. Овој инструмент можеби како адхок-алатка инцидентно придонел за решавање некоја состојба, но неговото рециклирање суштински и перманентно придонесува политиката да го надвладее правниот систем
Лидерските средби ги надвладуваат институциите и поредокот во услови на пандемија
Феноменот на т.н. лидерски средби функционира во Македонија речиси две децении. Земајќи предвид дека во услови на децениски значајно намалена функционалност на државата и институциите, токму овој парасистемски феномен битно придонесе политиката да го надвладее правото! Или уште попрецизно, владеењето на правото да падне во рацете на дневната политика, која е водена од моментални и актуелни сензации на политичките партии?! Пандемијата дава можност на голема врата да се врати лидерската средба со политички слалом низ Уставот, законите и институциите.
Пак влегуваме во иста стапица
И сега, пак и повторно, во услови на вонредна состојба поради пандемијата, феноменот лидерска средба како да доби дури и засилен легитимитет, со уште понагласена неопходност на овој божем „неформален начин“ да се постигне некаков „легален“ договор!? Иако во македонскиот политички живот сѐ почесто се посегнува по овој инструмент на договарање, а истиот тој постојано е предмет на критики, факт е дека тој единствено „успева да се наметне“. Сепак, иако лидерските средби како клучна алатка за излез од ќор-сокак не се ништо повеќе од сурогат на демократски избраните институции, македонскиот феномен на лидерски средби одново се рециклира.
Овој пат поради особено специфичната политичка состојба во пандемијата што ја затекна Македонија: распуштено Собрание, техничка влада за спроведување избори, почнати (па прекинати) изборни активности…
– Вонредната состојба во државата, нефункционалните институции (или со технички ограничен мандат), поради влегувањето во изборен процес, повторно „наметнува“ потреба од такви средби заради носење политички одлуки, кои повторно може да бидат под знак прашалник бидејќи Уставот и законите (нема) да ги предвидуваат. Факт е дека во досегашната уставно законодавна теорија речиси е невозможно да се предвиди ваква ситуација. Лидерската средба, иако дискутабилна во поглед на легалитетот, во овие услови претставува форма на носење политички одлуки што ќе го имаат легитимитетот со нивно прифаќање од повеќе политички фактори – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Досега не сме биле во ваква ситуација и сега само „лидерската“ е решение?!
Иницијативата на група пратеници (пред сѐ од владејачката СДСМ) од распуштеното Собрание, за повторно активирање на парламентот поради потребата за носење одлуки (односно верификување на одлуките на претседателот на државата за вонредна состојба), беше отфрлена од спикерот Џафери како неуставна. Опозицијата, пак, бара лидерска средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски за понатамошни договори за изведбата на прекинатите изборни активности, но и за координација за одговорот на бугарските условувања вметнати како барања во рамката за преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Дисквалификувањето на можноста за враќање на функционалноста на Собранието, и покрај отпорот на претставниците од владејачката партија, дополнително ги исфрла опциите на лидерската средба како начин за постигнување на неопходните политички договори.
– Сѐ уште не се надминати предизвиците на пандемијата, но цело време од вонредната состојба како главен политички предизвик демнат замрзнатите парламентарни избори. Со прекинувањето на изборните активности, се отворија и останаа нерешени многу правни дилеми поврзани со нивното повторно активирање, а кои не се предвидени во Уставот и законите. Од аспект на политички легитимитет на целиот изборен процес, неопходно е одржување на една или можеби повеќе лидерски средби.
Во овој момент нема друго решение освен лидерска средба – вели Владимир Божиновски, кој истакнува дека изборите не смеат да остават сомнеж во однос на легитимитетот на идната власт, која ја очекуваат многу тешки одлуки, реформи и започнување преговарачки процес за членство во ЕУ. Освен тоа, Божиновски предупредува дека секоја еднострана одлука за активирање на изборниот процес го носи ризикот за генерирање политичка криза.
Преседан што го зацврстува својот легитимитет
Дека се зацврстува легитимитетот на лидерските средби во услови на пандемија на македонската политичка сцена, согласен е и политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
– Имаме ситуација во која некои од институциите се нефункционални, како Собранието, и техничка влада, а истовремено тоа е ситуација што бара политички консензус. Сето тоа ја истакнува неопходноста на лидерската средба како политички инструмент за носење одлуки, надвор од институциите. Проблемот е што ние и претходно имавме дерогирани институции и овој механизам го употребувавме како неформален начин за политичко договарање. Сега веќе е извесно дека лидерската средба како механизам уште понагласено и понатаму ќе остане како начин на водење политика во Македонија – вели Петар Арсовски.
Избори во услови на пандемија
Потребата од лидерска средба е пред сѐ поради дилемите околу повеќе моменти за спроведување на изборите. Првата дилема и политички спротивставувања што се поставија во јавноста е одредувањето на датумот на одржување на изборите. Политичките експерти сугерираат одлуката за спроведување избори по завршувањето на пандемијата да се темели на светските искуства на избори во услови на пандемија.
– Она што може да го споделиме се искуствата на други држави што спроведувале избори во ваква ситуација.
Тие велат дека е можно да се спроведат избори, а превентивните мерки што се преземаат се: обезбедување безбедно растојание помеѓу гласачите, задолжително носење маски и дезинфицирање, како на гласачите, така и на гласачките паравани. Една од земјите што одржаа избори во овој период е Јужна Кореја, на 15 април. Покрај мерките споменати погоре, тие организирале гласање и во центрите каде што се згрижени пациенти со ковид-19, но гласачките места биле на отворено, за да се намали ризикот од инфекција.
Што се однесува до регионот, се очекува во јули да се одржат избори во Србија и во Хрватска – велат од граѓанската асоцијација МОСТ, која ја следи регуларноста на спроведувањето избори.