На владина седница е донесена Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека при вршење на јавниот превоз на патници, за време на траење на вонредната состојба, превозникот во возилото е должен да го организира превозот со задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците и може да има најмногу 50 отсто патници од вкупниот број на седишта, не сметајќи го седиштето на возачот.
Уредбата предвидува дека глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице ако врши превоз на патници спротивно од оваа уредба со законска сила, додека глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице-трговец поединец и правно лице ако врши превоз на патници спротивно на член 3-а од оваа уредба со законска сила.
На одговорното лице во правниот субјект ќе му се изрече глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност, утврдува уредбата.