Двете главни мерки кои треба да ги преземат рестораните во кои се служи храна се дезинфекција на опремата и површините каде што се подготвува храна и дезинфекција на целиот објект, извести денеска Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
– Бидејќи рестораните кои беа затворени не работеа кетеринг и подолг период беа запечатени, ќе ги кажам само главните мерки. Ќе треба да направат повторно чистење и дезинфекција на опремата и површините кои служат за обработка на храна и пред отворањето на рестораните ќе треба да извршат една општа дезинфекција во самиот објект, бидејќи подолго време стоел запечатен, неотворен и не знаеме што се случувало таму – рече директорот Атанасов.
Во периодот од 27 април до 3 мај Агенцијата направила 154 надзори во повеќе градови во маркети, зелени пазари, месарници и издала 5 казнени едукации за непочитување на правилата за безбедност на храна и 12 решенија за лоша хигиенска состојба. Директорот Атансов извести дека лошите хигиенски услови се најчесто прекршуваното правило.
– Кога зборуваме за добра хигиенска пракса пред сè зборуваме за условите во кои се држат производите и работните површини што ги користат, посебно месарите. Со самата пракса е предвидено на колку време треба да се чистат, да се водат записи, да се врши дезинфекција на самите површини и најчестите отстапувања се во таа смисла. Во секојдневните извештаи од страна на инспекциските служби е констатирано исто така ангажирање луѓе кои немаат завршено соодветни курсеви за безбедност на храна и ангажирање луѓе без санитарни прегледи. Ова не е само поради ковид-19, тоа е општо поради опасности од другите болести кои може да се пренесат преку храната – рече директорот Атанасов.