Претседателот на Собранието, Талат Џафери, утрово по почетокот на вакцинацијата на пратениците во салата „Борис Трајковски“ рече дека очекува во втората половина на мај Собранието да се врати на вообичаениот начин на работа.
Можност за вакцина добиле сите пратеници, а дали ќе ја примат зависи од нивната волја.
– Со втората доза од вакцината ќе се овозможи посоодветна работа на Собранието. Очекувам од втората половина на мај да се врати нормалниот начин на работа на Собранието со почитување на процедурите за заштита, дадени од надлежните институции. Викнати се сите пратениците и кажано им е во кој бокс да се јават за вакцина, а дали ќе се јават тоа повеќе не е одговорност на претседателот туку волја на секој поединец. Предвидени се вакцини за сите, кој како ќе одлучи е негова работа – рече претседателот Џафери.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека пратениците се вакцинираат со руската вакцина „спутник В“.
Заедно со пратениците, денес се вакцинираат и вработените во собраниските служби кои не биле вакцинирани при првата можност што ја добија како критична инфраструктура.