Почна вакцинацијата на наставниот кадар во основното образование од прво до трето одделение, како дел од масовното вакцинирање во СЦ „Борис Трајковски“.
Од Министерството за образование и наука соопштија дека станува збор за етапно вакцинирање при што од страна на здравствените работници се повикуваат наставниците со однапред закажан термин и час.
Министерството апелира наставниците да се пријавуваат за вакцинација со цел побрзо сузбивање на коронавирусот.
– Состојбата во образование со коронавирусот е стабилна и хибридниот модел на настава кој се применува се покажа како ефективен за заштита на учениците и наставниците од ширење на Ковид во училиштата – соопшти МОН.
Во овој период на територија на целата држава има 57 инфицирани ученици и 130 наставници кои следат и изведуваат настава со физичко присуство, што, според МОН, е исклучително ниска бројка.
Од таму наведуваат дека процесот на вакцинација заедно со почитувањето на мерките засега е единствениот начин да се намали трансмисијата во државата вклучително и образовните институции.