Министерот за здравство Венко Филипче на вечерашната прес-конференција изнесе детали во однос на 57-годишната пациентка од Куманово, која е првата жртва на коронавирусот.
Податоците што тој ги добил од болницата во Куманово и од Институтот за јавно здравје се дека првпат пациентката дошла на преглед на 16 март, со покачена температура. Веднаш ѝ биле поставени епидемиолошките прашања, а таа одговорила дека не патувала во странство и немала контакт со лица кои патувале.
Утредента, на 17 март, таа дошла со синот во болницата, а и двајцата имале покачена температура. Повторно, според Филипче, таа негирала дека патувала во странство и дека имала каков било контакт со лица од странство.
На 17 и 18 март мајката и синот примале терапија, а на 19 март таа била примена во болницата со нешто потежок наод.
– Направени се снимки, констатирана е пневмонија и двајцата се сместени во Одделот за изолација. Тогаш и се земаат брисеви, на 19 март. Двата тестови биле негативни. Утредента, кај пациентката е земен уште еден брис, како што налагаат препораките на СЗО, кога постојат симптоми на коронавирусот. И тој тест бил негативен. Веќе на 21 март состојбата ѝ се влошува, направени се обиди за реанимација, но пациентката починува – рече Филипче и изрази сочувство до фамилијата.
Посмртно, вели тој, повторно се земени материјали и тестот за коронавирус бил позитивен.
– Претходно земените материјали повторни се преиспитани и утврдено е повторно дека се негативни. Консултиравме експерти, консултиравме литература, но тестовите не се секаде и секогаш 100 процентно сензитивни и тоа е докажано – рече Филипче.
На новинарско прашање колку заболени од коронавирусот се очекуваат во наредниов период во земјава, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека постојат одредени претпоставки и дека пикот на болеста се очекува за еден месец од денеска.
– Тешко е дека се каже, имаме некои претпоставки, но имаме и нови мерки. Верувам дека ќе успееме да го намалиме бројот на пациенти. Сметам дека пикот на болеста во наши услови, со сегашните мерки и сегашните епидемиолошки податоци може да биде од еден месец за денеска – рече Филипче.