Граѓаните мора да знаат дека и сегашните хартиени документи што потенцијално ќе бидат скенирани во самата апликација им се сосема доволни за влез во Грција. Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по настанот на армискиот полигон „Криволак”, каде беше организиран Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар 21″.
Филипче потенцира дека сега има уште нешто помалку од 5.000 вакцини кои се распределени да се даваат во новоотворените пунктови, а во сите други се прави ревакцинација.
Тој додаде дека неделава треба да пристигнат 50 илјади вакцини од Бугарија и 20 илјади од Грција, со што се уште нема потврда за типот на вакцини. Министерот потсети дека редовно секој понеделник пристигнуваат вакцини на „Фајзер” и се очекува да стигне голема количина вакцини, за кои се уште нема точен датум, а биле најавени за почетокот на јуни.
Тој посочи дека епидемијата спласнува, меѓутоа апелира граѓаните да останат внимателни.