Владата на вчерашната седница одлучила дека оние лица што нема да ја почитуваат самоизолацијата, да се упатат во државни карантини, како што е заводот во Демир Капија каде досега беа сместени само членовите на оркестарот кои се вратија од Австрија.
Почитувањето на мерките за самоизолација ќе бидат контролирани од Армијата заедно со полицијата.
– Согласно дополнителните уредби што ги носевме, полициско-армиски тимови ќе можат да спроведуваат и контрола на почитувањето на полицискиот час, почитувањето на самоизолацијата, а доколку самоизолацијата не се почитува, веднаш да се изрекуваат мерки и да се упатат овие лица во државен карантин односно државна изолација – посочи министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска.
Таа додаде дека Армијата ќе дејствува исклучиво со комбинирани тимови со полицијата, токму поради тоа што полицијата е таа која што е вежбана и обучувана за справување со цивилни закани.
Вчера Владата упати јавен повик до хотелиерите кои имаат над 50 легла во своите објекти, да се пријават доколку сакаат да го отстапат просторот за да се пренамени и да биде државен карантин. За оваа услуга, државата ќе им плаќа, а максималниот надомест кој може да го обезбеди изнесува до 10 евра по легло.