Претседателот Стево Пендаровски преку видео врска денеска разговараше со доктор Ангелчо Андоновски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата.
Во разговорот Андоновски го информираше претседателот за начинот на функционирање на болницата, којашто од самиот почеток на пандемијата, е здравствената установа каде се лекуваат децата коишто се сомнителни или пак боледуваат од ковид-19, како и деца со висока температура и белодробни проблеми.
– Досега во болницата се тестирани повеќе од 50 деца. Од нив 4 беа позитивни на вирусот. Најмалите дијагностицирани деца се на возраст од 4 месеци, а најголемото на возраст од 15 години – посочи директорот во разговорот и додаде дека во моментов во болницата во Козле се хоспитализирани три деца коишто се сомнителни на вирусот, меѓу кои е и бебе родено пред 16 дена.
Од претседателскиот кабинет информираат дека доктор Андоновски објаснил оти децата коишто заболуваат од вирусот, имаат лесни симптоми и поминуваат без никакви компликации.
Претседателот Пендаровски во денешниот разговор му искажал поддршка и благодарност за досегашниот несебичен ангажман на директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата, но и на сите вработени во оваа здравствена установа.