Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими претставниците на канцеларијата на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Скопје и националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот.
Како што информираат од кабинетот на претседателот, на средбата било разговарано за севкупните активности на организацијата во нашата држава поврзани со миграцијата, нивниот ангажман во двата транзитни центра на јужната и на северната граница, како и мерките што организацијата ги презема во услови на глобалната пандемија на ковид-19.
Претседателот Пендаровски изразил очекување за натамошно продлабочување на соработката на Република Северна Македонија со ИОМ во насока на натамошно јакнење на капацитетите на државата во сферата на миграциите во согласност со меѓународните стандарди.