Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, учествуваше на виртуелниот Глобален самит за борба против ковид-19, насловен „Крај на пандемијата и поставување на подобри основи како подготовка за следната“, а организиран од претседателот на САД, Џо Бајден, на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, што се одржува во Њујорк.
– Додека јас зборувам, 55 отсто од населението веќе е вакцинирано со барем една доза. Оттука, апсолутно сме сигурни и даваме ветување за целосно вакцинирање на најмалку 70 отсто од населението до крајот на оваа година – нагласи претседателот.
Во видео-обраќањето Пендаровски нагласи и дека вакцинацијата против Ковид-19 ширум светот, без одлагање, е од клучно значење.
– За да се достигне висока стапка на вакцинација на глобално ниво, сите ние треба да се бориме против системските неправди со фер, инклузивна и правична распределба на ефикасни вакцини – истакна македонскиот претседател и изрази поддршка за заедничките глобални цели за справување со пандемијата од ковид-19, презентирани од американскиот претседател Бајден, оценувајќи ги како клучни за запирање на оваа закана.