Фото: Игор Бансколиев

Лидерите на политичките партии во земјава речиси едногласно повикаа на одложување на изборите закажани за 12 април, откако стана јасно дека ширењето на вирусот ковид-19 станува масовна закана по здравјето на граѓаните

ПОРАДИ ЗАКАНАТА ОД КОВИД-19

Лидерите на политичките партии во земјава речиси едногласно повикаа на одложување на изборите закажани за 12 април, откако стана јасно дека ширењето на вирусот ковид-19 станува масовна закана по здравјето на граѓаните.
– Добро е што имаме заеднички ставови со опозицијата. СДСМ правеше сериозни анализи викендот. Важно е и какви последици би предизвикало одложувањето на изборите во однос на Европската комисија и на економијата. Но на гласање граѓаните ќе ги изложиме на прифаќање зараза. Синоќа донесовме одлука да се одложат изборите некое време, за датум на одржување на вонредните парламентарни избори ќе се договориме, не е крај на светот – рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

И лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара одложување на изборите, за заштита на здравјето на граѓаните.
– Потребно е одговорно однесување, кон граѓаните и државата. Нема ниту една разумна и ниту една човечка рационална и прагматична причина тие да не се одложат, бидејќи за мене, а верувам и на преостанатите, борба за власт по цена на животите на граѓаните е неприфатливо – порача Мицкоски вчера од партиското седиште.

 

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, истакна дека здравјето на граѓаните мора да биде апсолутен приоритет за сите.
– Изборите и кампањата се последни во агендата на нашите приоритети, затоашто сите наши човечки, интелектуални и институционални капацитети ги ставивме на располагање за победа во заедничката борба против вирусот. Сега нам ни треба да го победиме вирусот, а не победа на изборите – порача Ахмети.
И другите помали политички партии исто така бараат да се одложат изборите што се закажани за април.

– Во услови на опасна пандемија на коронавирусот, во услови на немоќен здравствен систем кај нас, во услови кога Европа ги затвора границите, крајно несериозно и опасно е да се изведува масовната изборна операција. Изборите не смеат да бидат поважни од животите на граѓаните. Наместо масовна операција избори, треба да имаме масовно бесплатно тестирање на населението за коронавирус и обезбедување ефикасна изолација – истакнуваат од Глас за Македонија. 


За денеска најавена лидерска средба

Претседателот на државата Стево Пендаровски на својот профил на Твитер најави дека за денеска е закажана средба со лидерите на политичките партии, на која ќе присуствуваат и премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
На средбата се очекува да се донесе одлука за одложување на парламентарните избори закажани за 12 април.