Тестирањето на вработените во градинките откри втор случај за заболен од коронавирус.
Овојпат, како што извести Министерството за здравство, се работи за вработен во скопска детска градинка.
Првиот случај на вработен во детска градинка позитивен на коронавирус беше откриен во Битола на почетокот на тестирањето.
Од планираните околу 2.000 вработени во градинки кои треба да се тестираат за коронавирус пред отворањето на објектите, досега се завршени 1.267.
Тестирањето почна на 14 мај. Се тестираа вработени во детски градинки во Битола, каде што тестирањето е завршено, и во Скопје, а завршени се и дел од тестирањата на вработените во градинките во Велес.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека тестирањето на вработените во градинките ќе трае десетина дена, а кога целосно ќе заврши, се планира и отворање на градинките.
Одлуката да се затворат градинките Владата ја донесе на 10 март годинава, кога во земјата беа регистрирани седум случаи на заболени од коронавирус.